Премиерот Борис Џонсон ги предупреди Англичаните да се однесуваат одговорно во пресрет на денешното отворање на пабовите и баровите по повеќе од три месеци пауза, додека земјата го прави најголемиот чекор кон враќањето во нормален живот.
На денот што медиумите го нарекоа „суперсабота“, на пабовите им беше дозволено да почнат да точат пиво уште во шест часот, додека некои фризерски салони отворија набргу по полноќ.
Весникот „Сан“ процени дека денеска низ Англија ќе се испијат 15 милиони пинти пиво (8,5 милиони литри) и полицијата кажа дека е максимално подготвена за повторното отворање на пабовите, додека болниците биле предупредени да очекуваат викенд во стилот на новогодишна ноќ. Премиерот Џонсон кажа дека е важно да се поддржат локалните бизниси, но и да се биде свесен за ризиците.
„Успехот на тие бизниси, живеачката на луѓето кои се потпираат на нив и економското здравје на целата земја зависат од одговорното однесување на секој поединец. Не смееме да ги изневериме“, кажа Џонсон.
За пабовите ќе важат некои нови правила. Бројот на гостите ќе биде ограничен, сите ќе мора да седат и нема да има музика во живо. Гостите исто така ќе мора да остават лични податоци.