Поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) фрлаа факели и петарди врз антивладините демонстранти во Нови Сад синоќа, што ја натера полицијата да интервенира, што претставува голема ескалација на деветмесечните протести во Србија. Студентите во блокада ја обвинија власта дека со вчерашните судири сакала да предизвика граѓанска војна.
Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека се повредени 16 полицајци и околу 80 поддржувачи на СНС, при што обвини неименувани странски сили за организирање нереди. Тој вети дека ќе има апсења.
„Лицата кои го прекршиле законот ќе бидат уапсени. Спречивме катастрофално сценарио планирано од некој од странство“, рече тој.
Снимките од приватната телевизија „Н1“ покажаа како факели и петарди се фрлаат кон демонстрантите во Нови Сад од правец на канцелариите на СНС. Исто така, беа прикажани антивладини демонстранти, некои со крвави лица, како велат дека биле нападнати од поддржувачите на Вучиќ со стапови и палки.
За време на протестите, еден припадник на војската извлекол пиштол и пукал во воздух. Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека станува збор за офицер на војската на Србија кој бил на службена должност и обезбедувал една личност, не откривајќи за кого станува збор.
Опозицијата ги обвини поддржувачите на Вучиќ дека се одговорни за судирите, кои ги имаше и во Белград. Полицијата таму се судри со демонстрантите, спречувајќи ги да се доближат до канцелариите на СНС.