Четворицата астронаути на мисијата „Артемис 2“ отидоа најдлабоко во вселената од сите луѓе досега и ја прелетаа досега невидената далечна страна на Месечината и сега се враќаат дома. Шестчасовното истражување на скриената хемисфера на природниот сателит на Земјата беше проследено со директните визуелни набљудувања на астронаутите.
Прелетот, што се случи на височина од 6.545 километри од површината на Месечината, уследи на шестиот ден од првото патување на луѓето кон неа од 1972 година. Кристина Кох, Виктор Гловер, Рид Вајсман и Џереми Хансен притоа го надминаа рекордот на мисијата „Аполо 13“ од 1970 и достигнаа максимална оддалеченост од Земјата од 406.771 километар.
За време на прелетот на далечната страна на Месечината, екипажот на капсулата „Орион“ остана без контакт со Земјата на 40 минути.
„Се гледаме од другата страна. ве сакаме од Месечината“, кажа канадскиот астронаут Џереми Хансен, пред да се изгуби контактот.
Тие притоа сведочеа на целосното затемнување на Сонцето, кое од нивна перспектива беше блокирано од Месечината.
„Ме воодушевува што може да се види со голо око од Месечината во моментов. Едноставно е неверојатно“, кажа Хансен.
Хансен подоцна рече дека екипажот видел голем број карактеристики на Месечината што „ниту еден човек досега не ги видел, дури ни во ‘Аполо‘“.
„Орион“ сега е на пат кон Земјата и треба да се спушти во Тихиот Океан на 11 април.



