Седумдесет и едногодишниот Јурај Цинтула, кој вчера пукаше во словачкиот премиер Роберт Фицо и тешко го рани, изјавил дека го направил тоа зашто не се согласувал со политиката на владата, особено со предложеното укинување на државната телевизија. Неколкумина сведоци кажаа дека Цинтула се доближил до Фицо и му се обратил, по што испукал пет куршуми, од кои три го погодиле.
Словачките медиуми објавија дека Цинтула е писател и поет од гратчето Левице, основач на книжевниот клуб „Виножито“, кој работел како обезбедување во трговски центар и бил поврзан со проруската група „Словенски бранци“.
Последното се потврдува од објави на Фејсбук до кои што дојде унгарскиот истражувачки новинар Саболч Пањи. Тие го покажуваат Цинтула како симпатизер и поддржувач на оваа паравоена група, за која е познато дека има врски со Кремљ. „Словенски бранци“ беше обвинета за обид за регрутирање на млади мажи низ Словачка.
Во објава од 2016, Цинтула е снимен како држи говор до членови на групата облечени во маскирни униформи. Во текстот под фотографијата Цинтула им дава поддршка на самоорганизирани милиции на кои „треба да им се дозволи да ги штитат жителите, земјата, традицијата и културата од мигрантите кои доаѓаат надвор од Европа“.
Како писател, Цинтула објавил три збирки поезија и два романа, а во еден од нив ја напаѓа словачката ромска заедница. Во 2015 станал член на Друштвото на писатели на Словачка, иако во последните години се обидувал да се дистанцира од него.
Цинтула работел за приватна фирма за обезбедување, а пиштолот со кој го застрелал Фицо го поседувал со дозвола.