Словачкиот суд го осуди на 21 година затвор мажот кој пукаше и го рани премиерот Роберт Фицо во мај минатата година.
Седумдесет и двегодишниот Јурај Цинтула пукаше петпати кон Фицо од растојание од еден метар додека тој одеше на седница на владата во градот Хандлова. Судењето во Банска Бистрица започна во јуни и главното прашање беше дали пукањето е терористички чин или помалку сериозно кривично дело, како обид за убиство или напад.
Фицо беше застрелан четирипати и сериозно повреден во стомакот. Тој првпат се појави во јавност во јули минатата година и набргу потоа се врати на работа.
На судењето, Цинтула рекол дека немал намера да го убие Фицо, туку само да го повреди, зашто сакал да ги запре неговите политики кои ги сметал за штетни за слободата и културата во Словачка. Цинтула најави дека ќе се жали на пресудата.
Фицо ја обвини претежно либералната, проевропска опозиција за поттикнување на клима на гнев, што довело до пукањето. Опозицијата го обвинува Фицо за еродирање на демократските стандарди, слободата на медиумите и за прикривање на корупцијата.
Словачките медиуми пишуваа дека Цинтула е писател и поет од гратчето Левице и основач на книжевниот клуб „Виножито“, кој работел како обезбедување во трговски центар и бил поврзан со проруската група „Словенски бранци“.