Авион на „Аустријан ерлајнс“, кој летал од Тел Авив до Виена, бил пренасочен кон Софија поради закана со бомба, но при пребарувањето не било пронајдено ништо опасно. Авионот потоа го продолжил летот, соопшти авиокомпанијата.
Бугарската новинска агенција „БТА“ објави дека екипажот пријавил дека добил закана за бомба кога авионот се приближувал кон романската граница, по што бугарските воздухопловни сили испратиле борбени авиони „миг-29“. Израелскиот весник „Харец“ објави дека заканата била испратена од австриски државјанин кој не бил во авионот.
„Потврдуваме дека постоела закана против летот OС82 од Тел Авив до Виена на 18 октомври 2026, што го натерало авионот да направи меѓуслетување во Софија. За време на пребарувањето на засегнатиот авион, не е идентификувана никаква опасност“, се вели во соопштението на авиокомпанијата.
Авионот превезувал 51 патник и шест члена на екипажот. Веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“ соопшти дека станува збор за авион од серијата „Ербас A320-200“.
Инцидентот се случи помалку од три недели откако копилотот на авион на „Флајдубаи“, што летал кон Израел, го нападнал капетанот со секира во обид да го урне авионот.



