Авион со кој летала претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен останал без ГПС навигација и Брисел се сомнева дека Русија стои зад овој напад.
„Можеме да потврдиме дека имало блокирање на ГПС сигналот, но авионот безбедно слета“, изјави Аријана Подеста, заменичката на портпаролот на ЕК.
Инцидентот се случи за време на турнејата на Фон дер Лајен во Летонија, Финска, Естонија, Полска, Литванија, Бугарија и Романија. Таа вчера пристигна во Бугарија, каде што посети фабрика за оружје во Сопот.
Како што објави „Фајненшл тајмс“, авионот што ја превезувал Фон дер Лајен до Пловдив не можел да користи електронски навигациски помагала како резултат на пречките, што го принудило пилотот да слета со помош на хартиени мапи. Подеста рече дека ЕК добила информации од бугарските власти поради кои се сомневаат дека попречувањето било извршено од Русија.
Блокирањето и лажирањето на ГПС ги спречуваат авионите да пристапат до навигациски системи како што се американскиот „ГПС“ и европскиот „Галилео“ или ги нарушуваат податоците за локација што ги добиваат. Европските влади предупредија за оваа форма на намерно мешање, наведувајќи дека се случува во регионот на Балтичко Море од 2022.