Авион што се поврзува со сопственикот на Челзи и руски олигарх Роман Абрамович утрово слетал во Москва, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на податоците од сајтот за следење авионски летови „Флајтрадар“. Авионот вчера попатно застанал во Истанбул откако полетал од аеродромот „Бен Гурион“ во Тел Авив, каде што Абрамович беше снимен.
Ова следува откако британската влада минатата недела му изрече санкции на рускиот милијардер поради неговите блиски врски со Кремљ и Владимир Путин, што тој ги негира, а потоа и Европската Унија кажа дека ќе му го замрзне имотот. Покрај руско, Абрамович има и израелско и португалско државјанство. По почнувањето на руската инвазија на Украина, тој кажа дека ќе го продаде Челзи, но тоа сега е стопирано.
Шестотини милиони долари вредната јахта на Абрамович „Соларис“ била снимена покрај брегот на Албанија откако претходно испловила од Црна Гора, но крајната дестинација не е позната.
Абрамович се збогати откако ја купи нафтената компанија „Сибнефт“ од руската влада за 250 милиони долари, за потоа да ѝ ја продаде за 13 милијарди долари.