АВИОНОТ ШТО ВЧЕРА МИСТЕРИОЗНО СЕ УРНА ВО БАЛТИЧКО МОРЕ МУ ПРИПАЃАЛ НА ГЕРМАНСКИ БИЗНИСМЕН

    АВИОНОТ ШТО ВЧЕРА МИСТЕРИОЗНО СЕ УРНА ВО БАЛТИЧКО МОРЕ МУ ПРИПАЃАЛ НА ГЕРМАНСКИ БИЗНИСМЕНКарл-Петер Гриземан (десно) наводно самиот управувал со авионот

    Малиот авион што вчера се урна во Балтичкото Море откако летал преку цела Европа без да одговара на повиците на контролорите му припаѓал на германскиот бизнисмен Карл-Петер Гриземан, објави неговата компанија „Квик ер“.

    „Можеме да потврдиме дека тоа беше приватниот авион на нашиот сопственик Карл-Петер Гриземан“, изјави портпаролот на чартер компанијата од Келн.

    Оттаму не ги потврдија пишувањата на германските медиуми дека 72-годишниот Гриземан управувал со авионот, во кој наводно биле и неговите сопруга и ќерка и нејзиното момче. Причината за несреќата засега не е позната, ниту се пронајдени тела.

    Авионот „цесна 551“, регистриран во Австрија, полетал од шпанскиот град Херес вчера попладне и откако прво свртел кон Париз и Келн, се упатил кон Балтичкото Море, каде што паднал источно од шведскиот остров Готланд, покажуваат податоците од летот.

    Германски и дански борбени авиони биле испратени да го следат авионот додека летал над северна Европа, но не успеале да видат никого во кокпитот. Лидерот на шведскиот спасувачки тим Ларс Антонсон изјави дека авионот се урнал откако останал без гориво, но немаат други објаснувања за тоа што се случило.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира