Австралиски филм бил дигитално изменет во Кина, при што геј двојка е заменета со хетеросексуална.
„Заедно“ (Together), хорор филм со Дејв Франко и Алисон Бри во главните улоги, се прикажа во неколку кинески кина на 12 септември, една недела порано од пошироката светска дистрибуција. Некои гледачи дополнително забележале дека некои сцени се изменети откако на интернет се проширија исечоци од оригиналните сцени.
Светскиот дистрибутер на филмот „Нион“ ја осуди монтажата, велејќи дека не ја одобрил и побара да се прекине дистрибуцијата.
Хоророт напишан и режиран од Австралиецот Мајкл Шенкс следи двојка која се сели на село и се соочува со мистериозна сила која влијае на нивните тела, животи и врска. Филмот, кој премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал Санденс во јануари и беше објавен во САД и Австралија во јули, доби претежно позитивни оценки од критичарите.
По проекциите во Кина овој месец, гледачите забележале дека некои сцени со секс и голотија биле изменети. Во една сцена во која главниот машки лик е под туш, во кинеската верзија била додадена пареа за да се прикрие голото тело.
Повеќето поплаки биле за сцената во која е прикажан геј пар, која била дигитално изменета така што лицето на мажот е заменето со женско.
Не е невообичаено во Кина да се цензурираат ЛГБТ содржини, при што овојпат тоа било направено со вештачка интелигенција.