Австрискиот министер за здравство Рудолф Аншобер поднесе оставка, зашто постојаната борба со најголемата здравствена криза во изминатите 100 години му го нарушила здравјето.
„Изминатите 15 месеци изгледаа како 15 години. Немам веќе сила. Не сакам да се прекршам“, изјави Аншобер.
Тој вели дека во третиот бран на пандемијата се почувствувал истрошено, а на моменти и осамено. Откри и дека му се заканувале, поради што добил полициска заштита.
„Се трудев да давам сѐ од себе и преземав најголеми одговорности. Во изминатите недели не се чувствував целосно спремен. Ми се покачија шеќерот и крвниот притисок. Лекарите ме советуваа да земам пауза, но тоа не беше можно среде ваква пандемија“, изјави тој.
Аншобер ќе остане на функцијата до понеделник, а потоа експресно ќе биде именуван негов наследник.
„На државата ѝ треба здрав министер за здравство, кој ќе може да дава 100% во оваа здравствена криза“, кажа тој.
Памела Ренди-Вагнер, лидерката на најголемата опозициска партија СПО, му се заблагодари на Аншобер за напорната работа во изминатите 14 месеци.
„Драг Руди Аншобер, имам голема почит за твојата тешка одлука. Би сакала да ти се заблагодарам за твојата посветеност во изминатите 14 месеци и ти посакувам брзо закрепнување, како и сè најдобро во иднина“, напиша на Твитер Ренди-Вагнер, која и самата беше министерка за здравство во минатото.