Вториот најсилен атлантски ураган досега регистриран стигна до Бахами, носејќи ветрови од 285 километри на час.
Доријан, ураган од петта категорија, корнеше покриви од згради и предизвика сериозни поплави, а на некои места се најавуваа и седум метри високи бранови. Засега нема информации дали има жртви.
Ураганот сега бавно се движи кон запад и би можел да удри во области на источното крајбрежје на САД. Флорида, Џорџија и Јужна и Северна Каролина прогласија вонредна состојба.
Националниот центар за урагани објави дека Доријан прво удрил во островот Абако, кадешто предизвикал големи штети.
„Има огромни штети на имоти и инфраструктурата. Ја изгубивме економијата на Абако. Се молиме за животите на тамошните жители“, објавија од кабинетот на премиерот на Бахами.
Вести од Бахами бавно стигнуваат поради прекини во електричната мрежа и ограничениот пристап до интернет.
Бахами е една од државите кои често се на удар на урагани и Доријан важи за најсилен досега, па премиерот Минис претходно нареди евакуација на некои острови.