Џо Бајден направи нов гаф на прес-конференцијата во Вашингтон, која се очекуваше со голем интерес, но инсистираше дека продолжува со својата изборна кампања, иако сè повеќе демократи бараат да се повлече. Осумдесет и едногодишниот Бајден се повикуваше на своето повеќедецениско искуство на светската сцена, додека тврдеше дека располага со единствени квалификации да го победи Доналд Трамп на изборите во ноември и да ги води САД уште четири години.
„Единственото нешто што го прави возраста е што создава малку мудрост ако внимавате“, кажа Бајден, кој веќе е најстариот претседател во историјата на САД.
Од лошиот настап на дебатата со Трамп минатиот месец тој се соочува со силен притисок од донаторите, сопартијците и поддржувачите околу неговата способност да победи на изборите. Во тоа не му помогна гафот при крајот на речиси едночасовната прес-конференција, кога ги измеша имињата на Камала Харис и Доналд Трамп.
„Видете, јас немаше да ја изберам потпретседателката Трамп за потпретседател ако таа не беше квалификувана да биде претседател“, кажа Бајден.
Ова уследи неколку часа откако Бајден му се обрати на Володимир Зеленски со „претседателе Путин“ на самитот на НАТО во Вашингтон, по што веднаш се исправи, но гафот со Камала Харис не го забележа.
„Ако успорам и не можам да ја завршам работата, тоа ќе биде знак дека не треба да го правам тоа. Но, сè уште нема индикации за тоа“, изјави Бајден.
Тој кажа дека не му требаат когнитивни тестови и додаде дека дури и ако се види со седум лекари, неговите критичари нема да бидат задоволни. Кажа дека би размислил за повлекување ако неговиот тим му покаже податоци дека нема да победи, но анкетите и натаму велат дека изборната трка е неизвесна.
Повеќе од 15-мина демократи во Претставничкиот дом и еден сенатор претходно јавно го повикаа Бајден да се повлече, а по завршувањето на пресот тоа го направија уште неколкумина конгресмени.