Кремљ го обвини Џо Бајден дека се однесува како холивудски каубој откако американскиот претседател го нарече Владимир Путин „луд кучкин син“. Бајден го кажа ова на јавен настан за собирање средства во Сан Франциско, при што предупреди на закана од нуклеарен судир.
„Поради луди кучкини синови како оној Путин постојано мора да сме загрижени за нуклеарен конфликт, но егзистенцијалната закана за човештвото е климата“, кажа Бајден во својот краток говор.
Како одговор на ова, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека тоа бил слаб обид на Бајден да се однесува како холивудски каубој.
„Таквиот речник ја понижува и самата Америка и тешко дека ќе го навреди нашиот претседател. Дали тој некогаш употребил груб збор против вас? Тоа никогаш не се случило“, рече Песков.
Бајден во минатото го нарекуваше Путин и „касап“ и „воен злосторник“, но и покрај тоа, Путин неодамна кажа дека ќе навива за него на претседателските избори во САД зашто е поискусен и попредвидлив политичар од Доналд Трамп.