Борбата со пандемијата на коронавирусот ќе биде главен приоритет за Џо Бајден по победата на претседателските избори, објави неговиот тим. Соопштувајќи ги првите чекори од транзицискиот план, од тимот кажаа дека Бајден ќе побара од Американците да носат маска и да почитуваат социјална дистанца и ќе го зголеми обемот на тестирањата.
Бајден исто така ќе се фокусира на економијата, справувањето со расизмот и на климатските промени.
Иако победата на Бајден сѐ уште не е официјално потврдена бидејќи неколку сојузни држави и натаму бројат гласови, тој почна да ги прави плановите за преземањето на власта во јануари, што предвидува и поништување на неколку извршни наредби потпишани од Трамп.
Тој најави дека САД повторно ќе му се придружат на Парискиот климатски договор, што официјално го напуштија во средата, ќе ја повлече одлуката за излегување од Светската здравствена организација, ќе ја поништи забраната за влез во земјата на жителите на повеќето муслимански држави и ќе ја врати политиката од времето на Обама за доделување имигрантски статус на недокументирани мигранти кои влегле во САД како деца.
Бајден планира да воведе правила за задолжително носење маска, за што вели дека може да спаси илјадници животи. САД вчера имаа над 100.000 нови случаи на коронавирус трет ден по ред.