Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден скршил стапало викендов додека си играл со едно од своите кучиња.
Седумдесет и осумгодишниот Бајден го свиткал стапалото кога се лизнал додека бил со германскиот овчар Мејџор. Неговиот личен лекар Кевин О‘Конор кажа дека првичното снимање не покажало очигледна фрактура, но со дополнителните испитувања било утврдено дека има скршеница на две мали коски во средината на десното стапало.
„Веројатно ќе мора да носи лонгета неколку недели“, изјави О‘Конор.
По четири години пауза, во Белата куќа повторно ќе има домашни миленици, бидејќи со Џо и Џил Бајден доаѓаат и германските овчари Чемп и Мејџор.
„Оздрави побргу“, му порача Доналд Трамп на Бајден преку Твитер.
Бајден ќе стане најстариот претседател во историјата на САД кога ќе биде инаугуриран на 20 јануари, но неговиот лекар вели дека тој е физички спремен за извршување на сите задолженија.