БАКТЕРИЈА НА ЛЕГИОНЕРСКАТА БОЛЕСТ ОТКРИЕНА И ВО МУЗЕЈОТ ГУГЕНХАЈМ ВО ЊУЈОРК

    БАКТЕРИЈА НА ЛЕГИОНЕРСКАТА БОЛЕСТ ОТКРИЕНА И ВО МУЗЕЈОТ ГУГЕНХАЈМ ВО ЊУЈОРКМузејот ниту во еден момент не беше затворен за јавноста поради тестирањата или дезинфекцијата. (Фото: Гугенхајм)

    Познатиот музеј Соломон Р. Гугенхајм во Њујорк е меѓу објектите на Менхетен каде што е утврдено присуство на бактеријата која предизвикува легионерска болест, во рамките на најновата епидемија во градот.

    Градскиот здравствен сектор објави список од 31 зграда во населбата Апер ист сајд на кои им е наредено да ги исчистат и дезинфицираат разладните кули со цел да се спречи ширењето на оваа тешка форма на пневмонија. Специфичниот цилиндричен музеј на уметноста е еден од 19-те објекти кои веќе го завршија процесот на чистење, додека за останатите се очекуваше да ја комплетираат обврската во текот на саботата.

    Градските претставници објаснија дека позитивните тестови не значат автоматски дека овие згради се извор на заразата, бидејќи со спроведените анализи не може да се направи разлика меѓу живи и мртви бактерии. Музејот ниту во еден момент не беше затворен за јавноста поради тестирањата или дезинфекцијата.

    Од раководството на Гугенхајм соопштија дека градот потврдил оти нема потреба од дополнителни мерки и дека нема никаков ризик за луѓето во објектот. Тие додадоа дека ангажираат надворешна компанија која секој месец прави редовни контроли и третмани на системот за ладење.

    Музејот Гугенхајм е дело на познатиот архитект Френк Лојд Рајт и е заштитен од УНЕСКО како едно од најважните архитектонски остварувања на дваесеттиот век.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира