Слободан Костовски, Бранислав Паневски и Александар Нешиќ се некои од балканските гангстери уапсени за шверц на стотици тони кокаин, објави агенцијата „Ројтерс“, која го истражи криминалното царство на балканската мафија.
Како што пренесе „Дојче веле“, Костовски во 2018 избегал од бразилски затвор и се вратил во Европа со лажен пасош. Тој повторно бил уапсен во август 2023 во Белград под обвинение за шверц на 2,7 тони кокаин од Бразил, кој бил пресретнат во близина на Канарските Острови.
Познат како Генералот кај своите соработници, Костовски долги години шверцувал огромни количини дрога во Европа, се наведува во извештај на српската полиција од 2022. Денес 70-годишниот Костовски долго време живеел во Бразил, што му овозможило да оформи блиски врски со производителите на кокаин во Колумбија, Боливија и Перу и да организира транспорт на дрогата во Европа. Костовски сега очекува судење во Белград.
Властите во повеќе држави велат дека балканските шверцери доминираат во превозот на дроги од Јужна Америка до Париз, Лондон и Берлин и ја претвораат Европа во главен пазар за кокаин.
„Кога станува збор за големи пратки кон Европа, единствената група која е хегемона е балканската“, вели Иво Силва, полициски детектив од Бразил, кој го истражувал Костовски уште од крајот на 2000-тите.
За разлика од наркокартелите во Мексико и Колумбија кои имаат вертикална, територијална структура, Балканците работат во мали групи кои се многу мобилни и тајни и можат да пренесуваат огромни количества кокаин. Иако бандите често се судираат меѓусебе, колективно се нарекуваат Балкански картел.
„Кај нив не постои строга хиерархиска структура. Тие немаат кум“, вели поранешен детектив на американската Агенција за борба против дроги (ДЕА). Само лани, во водите на Атлантикот биле запленети над девет тони кокаин поврзан со балканската мрежа, што е раст за 300% во однос на 2015. Дополнително, властите во Антверпен лани заплениле 116 тони кокаин, а холандските уште 60 тони.
„Присуството на криминалците од Западен Балкан во Јужна Америка сега е поголемо од кога било. Постојат повеќе од 50 шверцерски келии од Западен Балкан низ цела Јужна Америка. Во моментов, тие се најголемата мафија за поморски шверц во Јужна Америка“, вели бразилскиот полициски детектив Алешандре Кустодио.
По распадот на Југославија во 1991, балканските криминалци изградиле успешни шверцерски операции. Кога војните завршија, голем дел од нив се префрлиле во Јужна Америка и таму изградиле сојузи со силни криминални групи. За шверц на дрогата се користат илјадниците луѓе од Балканот кои работат за светски карго компании.
Слободан Костовски бил дел од првиот бран гангстери кои пристигнале во Јужна Америка, тврди бразилската полиција. Костовски прво шверцувал цигари од Парагвај, а потоа и дрога и оружје.
За негова десна рака важел Бранислав Паневски. Во ноември 2010, бразилската полиција ги уапсила и тие биле осудени на 20 години затвор за меѓународен шверц на дрога. Сандра Костовски, која ги помагала операциите на својот сопруг шверцувајќи готовина од Европа во Бразил, била осудена на 14 години затвор. Таа и Паневски денес се на слобода. Костовски, пак, избегал од затвор во Србија во 2018, користејќи лажен пасош.
Кон крајот на 2021 српската полиција открила дека Костовски по бегството од Бразил и натаму раководи со шверцот на дрога. Комуникациите и движењето на Костовски биле следени повеќе од една година, со цел да се заплени главната пратка. До средината на 2023 полицијата го идентификувала бродот со кој пратката на Костовски требала да патува преку океанот и го следела.
„Балканскиот картел потона“, соопшти Еуропол откако на 24 август 2023 беше запленет бродот, а Костовски уапсен.
Два месеца подоцна, во Бразил бил уапсен уште еден голем балкански наркошверцер, Александар Нешиќ. Неговиот татко Горан пристигнал во Бразил во 2004 и бил еден од главните во мрежата за шверц на боливиски кокаин во Европа, заедно со Костовски. Горан Нешиќ е уапсен во 2013 и осуден на 15 години затвор. Во 2018 е екстрадиран во Србија, каде што требало да отслужи уште осум години, но денес е слободен.
Американски детектив кој соработувал во истрагата на бразилската полиција вели дека балканските криминалци се најголемата локомотива која ја одржува трговијата со кокаин кон Европа.
„Тие ја сменија својата методологија и тоа функционира“, вели тој.