Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ објави дека јавниот превоз во градот ќе биде бесплатен за сите од 1 јануари 2025.
„Од 1 јануари, целиот јавен превоз во Белград ќе биде бесплатен. Значи, веќе никој нема да мора да плаќа карта. Нема веќе ни месечни, ни годишни карти, ни попусти“, кажа Шапиќ на прес-конференција.
Тој додаде дека Белград со оваа социјална мерка станува лидер во јавниот превоз и дека ќе биде единствен град во Европа со повеќе од пола милион жители во кој јавниот превоз е бесплатен.
Шапиќ најави дека до 2027 година ќе биде обновен комплетниот возен парк во јавниот превоз, сите автобуси, трамваи и тролејбуси.
„До крајот на 2025 на улиците нема да има автобус постар од две години. Следната година ни доаѓаат првите од 25-те трамваи купени од Турција“, истакна Шапиќ.
Тој кажа дека и приватните превозници, кои низ Белград возат повеќе од 30 години, се обврзани да купат нови возила.
Српската влада, Град Белград и кинеската компанија „Пауер Чајна“ неодамна потпишаа договор за изградба на првата фаза од линијата 1 на белградското метро, вреден 720 милиони евра. Властите притоа најавија дека белграѓани ќе почнат да се возат со метро од 2030 година.