Авион на „Рајанер“ кој леташе од Грција кон Литванија е пренасочен кон Минск, а белоруските опозиционери велат дека тоа е сторено за да може да биде уапсен дисидентски новинар кој патувал со овој лет. Опозицискиот канал Некста на Телеграм соопшти дека е приведен неговиот поранешен уредник Роман Протасевич.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа ја обвини Белорусија за „гнасна акција“ и побара уредникот да биде ослободен. Државните медиуми во Белорусија соопштија дека авионот бил пренасочен поради страв од бомба.
Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, која минатата година беше поразена од Александар Лукашенко на претседателските избори главно оквалификувани како наместени, исто така побара ослободување на Протасевич.
Од изборите во август, 66-годишниот Лукашенко, кој владее со земјата од 1994, презема остри мерки против неистомислениците. Многу опозиционери се уапсени или, како Тихановскаја, избегале во егзил.
Министерот за надворешни работи на Летонија Едгарс Ринкевикс рече дека акцијата на Белорусија е „спротивна на меѓународното право“ и реакцијата треба да биде „силна и ефективна“. Германија побара „итно објаснување“ од Белорусија.