Белоруски, руски и украински активисти за човекови права се годинашните добитници на Нобеловата награда за мир. Нобеловиот комитет соопшти дека таа ќе им припадне на белорускиот активист Алес Бјалијацки, руската организација „Меморијал“ и на украинската организација „Центар за граѓански слободи“.
„Добитниците го демонстрираа значењето на граѓанското општество за мирот и демократијата. Тие покажаа дека е важно да се критикува власта и да се штитат основните човекови права“, објави Нобеловиот комитет.
Шеесетгодишниот Бјалијацки помогна да се поттикне демократското движење во Белорусија во 1980-ите, а во 1996 го основал центарот за човекови права „Власна“. Беше активен учесник и во протестите против Лукашенко во 2020, а од јули 2021 се наоѓа во затвор.
Основана пред 30 години, „Меморијал“ е една од најстарите организации за човекови права во Русија, која помогна да се рехабилитираат милиони невини жртви од советската ера. Сепак, никогаш не им била по волја на руските власти, па во 2014 беше ставена на листата на „странски агенти“. Организацијата беше затворена во почетокот на годината.
„Центарот за граѓански слободи“ е една од водечките украински организации за човекови права, која постои од 2007. Ги следеше политичките прогони на анектираниот Крим и ги документираше злосторствата во Донбас, а со овие активности продолжи и по руската инвазија во февруари.