Доналд Трамп се пошегува дека би можел да се кандидира за претседател на Венецуела, тврдејќи дека котира подобро од сите политичари во оваа земја.
„Луѓето во Венецуела велат ако се кандидирам за претседател на Венецуела, ќе имам повисок рејтинг од кој било друг досега, па откако ќе завршам со Иран, можам да одам во Венецуела“, рече Трамп на прес-конференцијата во Белата куќа, свикана по спасувањето на пилотите на соборениот американски авион во Иран.
Тој вели дека брзо би научил шпански зашто е добар со јазиците.
„Брзо ќе научам шпански. Нема да потрае предолго. Добар сум со јазиците и ќе одам во Венецуела. Ќе се кандидирам за претседател. Но, ние сме многу задоволни со новоизбраниот претседател што го имаат во моментов“, додаде тој.
По соборувањето и фаќањето на претседателот Николас Мадуро, Трамп најави дека САД би можеле да управуваат со Венецуела некое време. Неколку дена по падот на Мадуро, Делси Родригес положи заклетва како нова претседателка на Венецуела.



