Шест години откако поднесе барање, Босна и Херцеговина денеска доби кандидатски статус за членство во Европска Унија. Тој денеска и официјално беше одобрен од Европскиот совет, со што БиХ им се придружи на Украина и Молдавија.
Европската Унија уште во 2003 година изрази подготвеност да ги прими сите земји од Западен Балкан во своето членство. БиХ поднесе барање во 2016, а стекнувањето на кандидатскиот статус одново беше актуелизирано откако тој им беше одобрен на Украина и Молдавија летоска.
„Ова е клучен чекор кон усогласувањето на БиХ со стандардите и прописите на ЕУ. БиХ мора да стане безбедна и просперитетна мултиетничка држава, за што се потребни одлучни политичари и функционални институции“, изјави високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.
Определбата за полноправно членство во ЕУ е содржана во договорот за формирање на новата власт во БиХ, што денеска го потпишаа Драган Човиќ, Нермин Никшиќ и Милорад Додик, лидерите на трите најголеми етнички партии.