Битката за Бахмут, украинскиот град кој Русија со месеци се обидува со сите сили да го заземе, се стабилизира, вели командантот на украинската армија.
Според проценките на западните воени аналитичари, помеѓу 20 и 30 илјади руски војници и припадници на приватната армија Вагнер загинале или се ранети околу Бахмут откако почна битката минатото лето. Но, и покрај тоа, украинскиот генерал Валери Залужни вели дека украинските трупи успеваат да ѝ се спротивстават на Русија.
Москва упорно го напаѓа Бахмут во обид да оствари победа, бидејќи на другите делови од фронтот веќе подолг период нема никаков напредок.
Залужни вели дека ситуацијата на фронтот е најтешка во Бахмут, но „благодарение на екстремните напори на одбранбените сили, успеваме да ја стабилизираме ситуацијата“.
Неговите коментари се најновиот позитивен сигнал од украинска страна околу долгата битка за Бахмут.
Претходно во четвртокот, Олександр Сирски, команданот на копнените сили, кажа дека руските трупи се исцрпени во Бахмут и додаде дека наскоро ќе ја искористат шансата „како што ја искористивме близу Киев, Харков, Балаклија и Купјанск“.