Битката за источниот град Бахмут се претвори во крвав хаос со стотици загинати и ранети секој ден, додека ни руските, ни украинските трупи не се во можност да остварат значаен напредок по неколкумесечните борби. Иако Русија премести свежи трупи во регионот во изминатите недели, вклучувајќи ги оние кои се повлекоа од Херсон, борбите во Бахмут станаа рововска битка налик на оние од Првата светска војна.
Изминатиот викенд се појавија снимки од украински војници во поплавени, калливи ровови и од бојното поле исполнето со дрвја откорнати од безмилосното гранатирање.
Аналитичарите ја опишуваат битката за Бахмут како бесмислена, зашто градот кој пред војната имал 70.000 жители нема воена и стратешка вредност, а зад него се наоѓа серија добро утврдени градови. Двете страни продолжуваат да испраќаат засилувања на овој фронт од летоска, додека Русија се обидува да обезбеди каква било воена победа по серија порази и повлекувања.
Рускиот напад го предводат платениците на паравоената група „Вагнер“. Институтот за проучување војна од Вашингтон смета дека „Вагнер“ тука гледа можност за добивање поени во Кремљ и дека за неа, битката станала прашање на престиж.
И додека Русија ја користи истата тактика како во Северодоњецк и Лисичанск, која се базира на непрекинати бомбардирања, украинските сили се решени да ги задржат своите линии и да им нанесат големи загуби на непријателите. Поради тоа, во Бахмут се борат и некои од најдобро обучените украински единици, вклучувајќи припадници на Првата претседателска бригада, чија главна задача во други услови е заштитата на претседателот и неговото семејство.