Неколку недели откако од Русија пребегнал во Украина, бившиот потпретседател на „Газпромбанк“ Игор Волобуев со денови ги убедувал властите да му обезбедат украински документи за да може да се пријави во војската и да се бори против земјата во која го поминал најголемиот дел од животот.
„На 24 февруари си реков дека не сакам да бидам дел од ова руско злосторство. Во моментот кога почна војната знаев дека сакам да одам да ја бранам Украина. Прво сакав да се придружам на територијалната одбрана во Суми, каде што пораснав, но законски не ми беше дозволено, зашто сум Русин“, вели Волобуев.
Потоа му се отворила друга опција: легијата „Слобода за Русија“, специјална воена единица во рамките на украинските вооружени сили, што ја сочинуваат руски државјани. Во саботата, 50-годишниот Волобуев објави видео во кое со автоматска пушка во рацете јавно признава дека станал член на оваа единица.
„Со тоа ја остварив само првата цел. Сега мора да поминам низ брза воена обука, пред да можам да се борам“.
Волобуев има украински корени, но има руски пасош бидејќи најголем дел од животот поминал во Москва, каде што бил втор човек на третата најголема банка во Русија.
Малку е познато за легијата „Слобода за Русија“. Веста за нејзиното формирање беше објавена на Телеграм на 12 март. Волобуев одбива да збори за големината на единицата, но се проценува дека има над 500 припадници.
„Ние не сме платеници, туку официјален дел од украинските вооружени сили. Тоа е група на силно мотивирани Руси кои веруваат дека пораз на Русија во војната е единствениот начин да се создаде демократска, цивилизирана земја“, вели Волобуев.