Новинарката и адвокатка Наташа Пирц Мусар, која ја застапуваше и бившата прва дама на САД Меланија Трамп, ќе биде првата жена на претседателската функција во Словенија. Таа настапи на изборите како независна кандидатка поддржана од актуелната влада на лев центар и освои речиси 54% гласови, победувајќи го бившиот министер за надворешни работи Анже Логар.
„Словенија избра претседател кој верува во Европска Унија и во демократските вредности врз кои таа се темели. Светот се соочува со тешки времиња поради климатските промени и младите луѓе ја ставаат одговорноста на наши политички рамења со цел да се грижиме за планетата за да може идната генерација да живее во здрава и чиста околина“, изјави 54-годишната Пирц Мусар.
Таа работеше како водителка и новинарка во водечките словенечки телевизии пред да докторира право во Виена. Како адвокат, Пирц Мусар во 2016 ги бранеше интересите на Меланија Трамп во судскиот спор против списанието „Сузи“, кој објави дека таа работела како ескорт дама додека градела меѓународна кариера на модел.