Поранешниот полицаец Дерек Шовин е прогласен за виновен за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис во мај минатата година. Шовин беше снимен како девет минути го држи коленото на вратот на 46-годишниот Флојд, нанесувајќи му смртоносни повреди и тоа предизвика масовни протести против расизмот и полициската бруталност низ земјата.
Шовин е прогласен за виновен по сите три обвиненија: убиство од втор степен, убиство од трет степен и убиство од небрежност и би можел да помине неколку децении во затвор. Изрекувањето на казната се очекува во наредните два месеца.
Американски полицајци многу ретко се осудуваат за смртни случаи при приведување, па оваа пресуда се смета за пресвртен момент како вакви случаи би можеле да се третираат во иднина. На поротата ѝ требаше помалку од еден ден да ја донесе пресудата, која уследи по тринеделното судење во Минеаполис, кое привлекуваше огромен интерес.
„Пресудата за Дерек Шовин е само почеток. За да направиме вистински реформи и промени, можеме и мораме повеќе. Доста со бесмислени убивања! Денешната пресуда е чекор напред. Таа нема да го врати Џорџ и негово наследство треба да биде она што ќе го направиме во знак на сеќавање на него“, изјави претседателот на САД, Џо Бајден.
Потпретседателката Камала Харис ги повика законодавците да го донесат законот на Џорџ Флојд, насочен кон реформите на полицијата во САД.
Флојд бил запрен од полицијата пред продавница откако еден од вработените се посомневал дека тој ги платил цигарите со фалсификувана банкнота од 20 долари. Тие му ставиле лисици на Флојд кој притоа давал отпор, при што Шовин девет минути го држел на земја, притискајќи му го вратот со колено. Флојд повеќе од 20 пати рекол дека не може да дише и веќе бил во бессознание кога дошла брза помош. Тој почина во болница по еден час.