Босанската полициска агенција (СИПА) вчера се обиде да го уапси лидерот на Република Српска, Милорад Додик, но беше спречена од неговите вооружени полициски сили.
Додик е баран откако Судот на БиХ во февруари го осуди на една година затвор за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит и за напад врз уставниот поредок на БиХ. Додик притоа доби седумгодишна забрана за вршење јавна функција, но и покрај тоа, продолжи со своите активности и патувања под заштита на силно вооружени припадници на полициските антитерористички сили на Република Српска.
„Офицерите на СИПА се обидоа да го спроведат судскиот налог и да го уапсат Милорад Додик во Источно Сараево. Тие притоа разговараа со припадници на полицијата на РС, кои кажаа дека ќе употребат сила и ќе ги спречат да ги извршат нивните наредби“, изјави портпаролката на СИПА, Јелена Миовчиќ.
И денеска може да се забележи силно полициско присуство во Источно Сараево, откако Додик ги повтори своите закани дека Република Српска ќе се отцепи од БиХ. Тој притоа го повика Шмит да си замине.
„Шмит мора да си оди, но пред тоа да го исчисти сето она што го наметна. Ако властите во Сараево навистина сакаат да ги вратат силата и функционалноста на Босна и Херцеговина, тогаш треба да се откажат од Шмит и да ги избришат сите негови одлуки. Само тогаш можеме да седнеме и да разговараме“, кажа Додик.