„ОпенАИ“, компанијата што стои зад ЧетГПТ, соопшти дека нејзини агенти за вештачка интелигенција (ВИ) објавиле 53 фотографии од корисници на ЧетГПТ и продреле на веб-страници на американски институции, вклучително и владини агенции. „ОпенАИ“ не откри дали станува збор за фотографии од реални лица или за слики генерирани со вештачка интелигенција, ниту кога тие биле објавени.
Од компанијата објаснија дека линковите до фотографиите не биле јавно достапни. Поголемиот дел од содржината веќе бил отстранет, а „ОпенАИ работи“ со платформите за да биде избришан и преостанатиот дел. Компанијата нагласи дека фотографиите биле поставени од корисници кои се согласиле нивните податоци да бидат користени за подобрување на моделите на вештачка интелигенција.
Според „Блумберг њуз“, моделите на вештачка интелигенција на „ОпенАИ“ пристапувале и до податоци на американски владини институции. Системите на компанијата интерагирале со веб-страницата на Комисијата за хартии од вредност и берзи на САД, како и со јавно достапни податоци на американската статистичка служба.
Во меѓувреме, „Њујорк тајмс“ објави дека софтвер на ОпенАИ безуспешно се обидел да се пробие во податоците на Одделот за граѓански права при американското Министерство за образование.
Воедно, се појавуваат индикации дека би можеле да следуваат уште многу откритија за самостојни хакерски активности на вештачката интелигенција на ОпенАИ. Компанијата соопшти дека информирала „десетици“ организации чии веб-страници биле предмет на непланирани интеракции од софтверот на „ОпенАИ“.
„Некои од погодените веб-страници се управувани од влади, универзитети, јавни институции и други организации“, наведоа од компанијата. На засегнатите институции им е оставено самите да одлучат дали јавно ќе ги објават инцидентите.
Само пред неколку дена австралиската влада соопшти дека модели на „ОпенАИ“ успеале да навлезат во веб-страница на австралискиот здравствен систем.
Како реакција на растечката загриженост, извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, и извршниот директор на компанијата „Антропик“, Дарио Амодеи,неодамна предупредија на опасностите што ги носи вештачката интелигенција. Тие ја повикаа индустријата да пристапи повнимателно кон развојот на ВИ технологиите и да го забави темпото на развој.



