Либискиот град Дерна ги брои жртвите на незапаметената поплава, предизвикана од пукањето на две брани среде моќната бура Даниел. Досега е потврдено дека во градот со околу 100.000 жители загинале 5.300 луѓе, но се очекува трагичниот биланс да биде далеку пострашен, при што локалните власти најавуваат бројка од 20.000 мртви.
Либиските медиуми пишуваат дека Дерна и во минатото страдала од поплави, а особено тешка била онаа од 1968 година. Поради тоа, била донесена одлука за изградба на две брани во 1970-ите. Тие биле изградени од југословенско претпријатие.
На сајтот на српската компанија „Хидротехника-Хидроенергетика“ стои дека таа во областа на Дерна градела две брани меѓу 1973 и 1977 година, како и голем број други инфраструктурни објекти, објави Н1. Дерна била поплавена и во 1986 година, но тогаш браните успеале да управуваат со водата и немало сериозни штети во градот.
Заменик-градоначалникот на Дерна, Ахмед Мадруд, призна дека браните не биле одржувани од 2002 година, а на социјалните мрежи се појавија и шпекулации дека средствата предвидени за тоа биле пренаменувани.
„Браните лошо се одржуваа, што се должи како на безбедносниот хаос во земјата, така и на инертноста на либиските власти“, изјави експертот од оваа област Мохамед Ахмед за водечкиот либиски сајт „Ал-Васат“.
Сепак, експертите велат дека е прерано да се каже дали браните пукнале поради преоптовареност со вода или поради нивната состојба.
„Според она што може да се забележи, браните веројатно биле изградени од мешавина од камен и глина, што не е така цврст материјал како бетон. Ваквите брани се подложни на прелевање на водата, што за бетонските брани не е проблем, за разлика од овие од камен“, изјави Драган Савиќ, професор по хидроинформатика на Универзитетот Ексетер во Велика Британија.
Експертите се согласни дека прво пукнала горната брана, оддалечена 12 километри од Дерна, испуштајќи вода низ долината, која ја преплавила браната која се наоѓа многу поблиску до градот. Од источнолибиската влада кажаа дека е збришана една четвртина од градот.
Научниците велат дека врнежите што ги донесе бурата Даниел биле екстремни, дури и до 200 милиметри по квадратен метар, што исушената земја не можела да го апсорбира.