БРАНИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ОДБИВААТ ДА СЕ ПРЕДАДАТ, КИЕВ ПОНУДИ БЕЗУСЛОВНИ ПРЕГОВОРИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА ЦИВИЛИТЕ И ВОЈНИЦИТЕ

    БРАНИТЕЛИТЕ НА МАРИУПОЛ ОДБИВААТ ДА СЕ ПРЕДАДАТ, КИЕВ ПОНУДИ БЕЗУСЛОВНИ ПРЕГОВОРИ ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА ЦИВИЛИТЕ И ВОЈНИЦИТЕПоследните украински борци даваат отпор од челичарницата „Азовстал“ (Фото: АНСА)

    Украина ѝ понуди специјални безусловни преговори на Русија со цел да се стави крај на блокадата на Мариупол и да се евакуираат цивилите и преостанатите бранители. Советникот на претседателот Зеленски, Михајло Подољак, кажа дека прифаќаат преговори „еден на еден, двајца на двајца, со цел да се спасат децата, цивилите, ранетите и украинските војници“.

    Украина вчера ја обвини Русија дека не успеала да го одржи договорениот прекин на огнот доволно долго за да се евакуираат голем број деца, жени и стари лица од градот, кој е под руска опсада повеќе од седум недели и е претворен во руина.

    Последните украински борци, чија точна бројка не е позната, даваат отпор од огромната челичарница „Азовстал“, во чии подземни тунели наводно се кријат и стотици цивили. Украинскиот преговарач Давид Арахамија изјави дека тој и Подољак се во постојан контакт со украинските сили во Мариупол.

    „Денеска, во разговор со бранителите на градот, дадовме предлог за одржување директни преговори на самото место за евакуација на нашите војници. Спремни сме да дојдеме на преговори во кое било време, штом добиеме потврда од руската страна“, изјави Арахамија.

    Командир на украинските сили кажа дека ги одбиле руските ултиматуми да се предадат. Место тоа, тие бараат да им се дозволи на цивилите да си заминат од фабриката, што го оневозможуваат постојаните руски гранатирања.

    „Не ги прифаќаме условите на Руската Федерација да го положиме оружјето и да се предадеме како затвореници“, изјави еден од лидерите на Азовскиот баталјон, Свјатослав Паламар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира