Стотици жители на Брисел излегоа да протестираат во понеделникот зашто „главниот град на Европа“ повеќе од 500 дена не може да состави влада.
Бриселскиот регион, кој управува со главниот град на Белгија, нема влада од изборите одржани во јуни 2024, од кои поминаа 543 дена. На тој начин беше соборен и националниот рекорд, откако на Белгија ѝ требаа 541 дена за да формира влада во 2010/11 година.
Светскиот рекорд го држи Северна Ирска, која во една прилика била 729 дена без влада, но не влезе во Гинисова книга на рекорди, која зема предвид само независни држави.
Малку е веројатно дека Брисел наскоро ќе добие влада. Продолжуваат жестоките поделби помеѓу 14-те партии кои освоија мандати во регионалниот парламент со 89 места, што понекогаш преминуваат во лични навреди.
Во отворено писмо потпишано од речиси 200 деловни, академски и културни личности, објавено во понеделникот, се изразува жалење што „Брисел веќе 541 ден се лизга во невидена институционална празнина и финансиска криза“.
„Политичката неактивност влијае на нашиот секојдневен живот. Огромните предизвици со кои Брисел треба да се справи, економски, социјални, климатски и институционални. повеќе не можат да чекаат“, се вели во писмото.
Локалниот весник „Бруз“ прогнозираше дека поради политичкиот ќор-сокак дефицитот на регионот ќе се зголеми на 1,6 милијарди евра до крајот на годината, а една голема банка повлече кредитна линија од 500 милиони евра.



