Британскиот пливач на долги патеки, Луис Пју, преплива низ Ормускиот Теснец во време кога се случуваат напади врз нафтени танкери, со цел „да го сврти вниманието кон разорните последици од војната врз животната средина“. Овој 56-годишник, кој е и покровител на океаните при ОН, оваа недела помина три дена во овој воден пат, препливувајќи вкупно околу 15 километри.
Ормускиот Теснец е клучен воден пат за транспорт на нафта од Блискиот Исток, кој повеќепати беше затворан поради напади во војната во која на САД и Израел со Иран.
Пју, кој е роден во Плимут, изјави дека теснецот е „многу повеќе од витален поморски пат“, додавајќи дека тоа е „едно од најубавите места“ што некогаш ги посетил. Се верува дека тој е првиот човек што се обидел да преплива долга делница во овој теснец откако започна конфликтот меѓу Иран и САД. Опремен само со пливачки шорцеви, заштитни очила и капа со логото на ОН, тој тргна од полуостровот Мусандам, на јужниот крај на теснецот, а пливањето го заврши заобиколувајќи го ’Ртот Ормуз. Овој активист за заштита на океаните изјави дека целта на пливањето била „да се сврти вниманието кон разорните последици од војната врз животната средина“.
Во објава на својата веб-страница, Пју додава: „Војната предизвикува огромно човечко страдање. Се губат животи, се растураат семејства, а домовите се уништуваат. Но, постои уште една жртва на која ѝ се посветува премалку внимание: самата природа.
„Ормускиот Теснец е многу повеќе од витален поморски пат. Тој е едно од најубавите места што некогаш сум ги посетил. Таму има високи планини, спектакуларни фјордови, корални гребени и шуми од мангрови. Во овие води живеат делфини, морски желки и дугонзи. Тоа е едно од големите природни чуда на светот“, вели тој.
На фотографиите што пливачот ги објави на социјалните мрежи се гледа чад што се издига од танкер за течен нафтен гас во пламен, лоциран во Ормускиот Теснец, кај полуостровот Мусандам во Оман.
Пју изјави: „Само 30 минути откако почнав да пливам, на неколку километри од мене беше погоден еден танкер за нафта. Експлозиите го разнишаа морето околу мене. Во текот на следните денови, бев сведок на нови напади врз трговски бродови и видов пловила зафатени од пламен. Танкери за нафта, бродови за транспорт на гас и други трговски бродови се напаѓаат, ден по ден. Еколошките последици од оваа војна ќе траат со генерации. Мојата порака е едноставна: Прекинете ги борбите. Отворете го теснецот. Исчистете го загадувањето“.
Пју претходно стана првиот човек што препливал долги делници во секој од светските океани, а често плива и во ранливи екосистеми за да го сврти вниманието кон нивната тешка состојба.
Претходно овој месец, британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд ја истакна потребата да се надмине ќор-сокакот „ни војна, ни мир“ во конфликтот со Иран, предупредувајќи дека тоа предизвикува „длабоки економски страдања“. Милибанд повика на „сеопфатни дипломатски напори“ за да се стави крај на војната и повторно целосно да се отвори стратешкиот теснец, што, според него, е од суштинско значење.



