Велика Британија потврди дека ги регистрирала првите случаи на бразилската варијанта на коронавирус и министерот за вакцини Надим Захави изјави дека ова е загрижувачки развој на настаните.
Сојот П1 дели некои од мутациите со високопреносливата јужноафриканска варијанта и првпат беше идентификуван во бразилскиот град Манаус во јануари. Научниците веруваат дека сојот е поотпорен на постојните вакцини и дека со него можат да се заразат и оние кои веќе го прележале ковид-19.
Велика Британија претходно ги имаше суспендирано директните авионски врски со Бразил и новооткриените случаи се поврзуваат со луѓе кои пристигнале од Бразил преку други европски држави во почетокот на февруари. Тоа се случило пред Британија да го воведе задолжителниот десетдневен хотелски карантин за лицата кои доаѓаат од ризични подрачја.
„Појавата на бразилскиот сој е загрижувачка, зашто има слични мутации со јужноафриканскиот, што значи дека се шири многу полесно и побрзо и вакцините против него би можеле да бидат помалку ефективни“, изјави Захави.