БРИТАНИЈА УТРЕ ОДЛУЧУВА ДАЛИ ОСТАНУВА ВО ЕУ – ВЛОГОТ Е ГОЛЕМ А ГЛАСАЊЕТО КОНЕЧНО

a:1:{s:9:"td_source";s:12:"Лондон

    БРИТАНИЈА УТРЕ ОДЛУЧУВА ДАЛИ ОСТАНУВА ВО ЕУ – ВЛОГОТ Е ГОЛЕМ А ГЛАСАЊЕТО КОНЕЧНО

    Кампањите на обете страни од клучното гласање дали Британија да остане во ЕУ, го почнаа денешниот последен жесток ден крстосувајќи ја земјата за да ги привлечат неодлучните гласови.

    Премиерот Дејвид Камерон ја претстави својата визија за иднината на Британија да остане во блокот од 28 земји, и се спротистави на тврдењето дека земјата ќе оди во погрешна насока ако остане во ЕУ. Тој категорично го одби тврдењето дека институцијата ЕУ е мртва.

    „Не сме закачени за труп. Очигледно е опоравувањето на европското стопанство. Тоа е најголемиот пазар на светот“, рече Камерон на Би-Би-Си.

    Најистакнатата фигура на кампањата за „излез од ЕУ“, ексградоначалникот на Лондон Борис Џонсон, почна турбулентна турнеја низ Англија за „брекзит“. На рибниот пазар Билингсгејт, тој се сликаше со риба в раце – не толку суптилно потсетување дека ова е островска земја, која е горда на својата независност и самодоверба.

    „Време е за сосем нова врска со нашите пријатели од другата страна на Каналот. Време е да се зборува за демократија, и стотици милиони луѓе низ Европа се согласуваат со нас. Време е да се отцепиме од овој пропаднат и нефункционален ЕУ систем“.

    Британија утре оди на референдум по кампањата која беше ем жестока ем комплицирана. Досегот на ЕУ во секој сегмент на животот значеше дека секаков вид групи – од научници до директори – изразија мислења за тоа дали да се остане или не. Влогот е голем, а гласањето е конечно – нема да може да се смени во следен изборен круг.

    Голем дел од дебатата се однесуваше на економијата. Од меѓународните банки до големите корпорации, сите го чекаат референдумот со претпазливост и загриженост. Многумина се плашат дека излезот од ЕУ ќе го засегне местото на Лондон како главен светски финансиски центар и ќе ги оштети индустриите кои се темел на британската економија.

    Во вторникот вечерта, лидерите на половина од најголемите британски компании апелираа до своите вработени да гласаат за останување во ЕУ. Во писмо до „Тајмс“, 1.285 бизнис лидери истакнаа дека гласот за излез ќе ја оштети британската економија, со јасна намера да ги предупредат своите околу 1,7 милиони вработени да помислат двапати пред да гласаат.

    „Ако Британија излезе од ЕУ тоа ќе значи несигурност за нашите фирми, помалку трговија со ЕУ и помалку работни места. Ако остане, ќе значи спротивното: поголема сигурност, повеќе трговија и повеќе работни места. Членството во ЕУ е добро за бизнисот и за работните места. Затоа, на 23 јуни, ќе го поддржиме останувањето на Британија во ЕУ“, се вели во писмото на компаниите, меѓу кои се и банките „Барклис“, „Стандард лајф“ и „Англо – Американ“.

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари