Епидемија на западнонилска треска е прогласена во следните делови од Скопје: Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и зафатени населби како Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино, Јурумлери, соопшти д-р Златко Арсениевски од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Скопје.
Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на денешната прес-конференција рече дека заклучно со 11 август се регистрирани вкупно 26 случаи, од кои 2 се веројатни. Од нив, 25 лица се од Скопје, а еден е од Велес. За возрасната категорија, д-р Гочевска кажа дека 22 лица се на возраст над 60 години.
„Станува збор за автохтони случаи од нашата држава, а едно лице патувало во Грција. Сите случаи се со невроинвазивна форма“, кажа д-р Гочевска.
Директорот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, д-р Фадил Цана, кажа дека пациентите се третираат на клиниката која располага со капацитети и соодветна дијагностика.
„Четворица пациенти се водат како суспектни и во тек е дијагностичка постапка. Осум пациенти се испишани на домашно лекување, но за жал, морам да информирам дека 83-годишен пациент е починат. Пациентот имаше и други заболувања“, додаде тој.
Здравствените власти препорачуваат граѓаните да ставаат мрежи, да се прскаат со средства и да не излегуваат кога заоѓа сонцето и рано наутро.
Станува збор за повозрасни мажи над 60 години, кои претежно работеле земјоделско-градинарски работи во приквечерните и раноутринските часови.
Општина Кисела Вода денеска соопшти дека се врши акција против ларви, а в петок третман против возрасни комарци на подрачјето на населбата Драчево.
„Денешната акција е фокусирана на сузбивање на ларвите, при што специјализираните екипи на терен вршат прскање со соодветен ларвицид во сите критични точки, каналите, застоените води и влажните места каде што се собира вода и каде што постојат услови за развој на овие инсекти. За дополнителна заштита и целосно нама лување на бројноста на инсектите, акцијата ќе продолжи и в петок, кога ќе се изврши теренско прскање против возрасни комарци на територијата на овој дел од општината. Ги потсетуваме пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради најавеното прскање против возрасни комарци кое ќе се реализира во петок“, соопшти Општината.
Б. НЕСТОРОСКА



