ЗА ДА ГО СПАСИ СЕЛОТО ЛОЗНАНИ АЛЕКСАНДАР ЧЕПИГОВСКИ СО ТРАКТОР ВЛЕЗЕ ВО ОГНОТ

    ЗА ДА ГО СПАСИ СЕЛОТО ЛОЗНАНИ АЛЕКСАНДАР ЧЕПИГОВСКИ СО ТРАКТОР ВЛЕЗЕ ВО ОГНОТАце со неговиот огромен трактор направи големо дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарот кој загрозуваше еден дел од куќите во Лознани, рече директорот на ДЗС Ангелов. (Фото: ДЗС)

    Александар Чепиговски (34) од битолското село Ивањевци со трактор влегол директно во огнената линија за да помогне да се спаси селото Лознани во Пелагонија од синоќешниот голем пожар, во кој со изгореници беше повредено и едно лице од локалното население.

    „Да истакнам еден локален жител, храбар тракторист од село Ивањевци, Аце, кој со неговиот огромен трактор направи големо дело орајќи директно низ пожарната линија и гасејќи голем дел од пожарот кој загрозуваше еден дел од куќите во Лознани. Битката беше многу тешка“, рече директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов.

    Пожарот во Лознани беше локализиран синоќа по повеќечасовна битка со огнот кој се закануваше да ги зафати и куќите во селото, како и да се прошири во Ивањевци и Новоселани. Во гаснењето беше вклучено локалното население, доброволното друштво „Архангел“ со 20 доброволници, Битолската противпоажрна единица и 4 „пинцгауери“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

    „Локалното население најпожртвувано се бореше да ги спаси своите куќи, при што имаше и едно повредено лице најверојатно со изгореници на дланките кое беше однесено на лекување во Битолската болница“, соопшти Ангелов.

    Вчера на теритопријата на Македонија имаше 40 пожари на отворено, од кои 6 активни, во некои од нив во борба со огнот беа спасени и неколку села.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира