Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов вели дека вчера (12 август) во земава имало најмалку 52 пожари на отворен простор и дека бил најтежок од почетокот на новата сезона на пожари.
„Благодарение на целодневната борба на локалните пожарникари, 46 се угаснати, 6 останаа активни во текот на денешниот ден. Покрај овие шест пожари коишто гореа од вчера, во текот на денешниот ден се појавија повеќе нови пожари. Еден од потешките е пожарот којшто изби во непосредна близина на Прилеп, покрај магистралниот пат кон Битола. Иако пожарот се одвиваше во рамничарски дел, силниот ветер којшто дува ја отежна работата на прилепските пожарникари, поради што беше зафатена поголема површина. Во овој момент, овој пожар е поставен под делумна контрола, очекувам набргу да биде ставен под целосна контрола. За жал, во пожарот настрада штала во којашто имало складирано одредена количина на тутун“, изјави денеска Ангелов.
Директорот вели дела за жал денеска сигурно ќе се појават и нови пожари, поради што по апелира до сите граѓани да бидат исклучително внимателни.
„Бројката од 52 пожари ги исцрпува нашите ресурси, а секојдневната битка со десетици пожари навистина е тешка да се извојува. Поради тоа апелирам до сите граѓани да бидат исклучително внимателни бидејќи доволна е само една искра да се случи вистинска катастрофа“, рече тој.
За пожарот на територијата на Општина Студеничани, во атарот на село Рамни Габер, тој кажа дека вчера дејствувале три „ер-трактори“ , како и четири тимови на Дирекцијата со четири „пинцгауери“. Ангелов вели дека пожарот се одвива на екстремно непристапен терен, стрмен терен, некаде и густи дрвја и затоа неговото гаснење е отежнато. Борбата со овој пожар продолжува и во текот на денешниот ден, чадот од овој пожар е видлив и од Скопје.
„Во овој момент пожарот не претставува закана за блиските села. Од страна на скопските пожарникари и во текот на ноќта континуирано има оставено екипи коишто се грижат огнот да не се приближи до некои од блиските села“, додаде Ангелов.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Мухамед Али соопшти дека пожарот во шумата над селото Габер е проширен, но ситуацијата кон населените места во селото Габер е под контрола и во моментов не претставува опасност за жителите.
„Поради тоа што пожарот се наоѓа во планински и непристапен терен, каде што интервенцијата од земја е отежната, во овој момент ќе интервенираат три авиони ‘ер-трактори’ на Дирекцијата за заштита и спасување, како и еден авион на Министерството за внатрешни работи. Пожарот се движи во правец на селото Вржале, поради што состојбата внимателно се следи и екипите се на терен“, изјави Али.
Б. НЕСТОРОСКА



