ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ ВО СЕЛО ЛОЗНАНИ, ПОЖАРНИКАРИТЕ СПАСУВАА КУЌИ

    ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАРОТ ВО СЕЛО ЛОЗНАНИ, ПОЖАРНИКАРИТЕ СПАСУВАА КУЌИГореше сува трева, дуваше ветер и огнот брзо се ширеше. (Фото: СДК.МК)

    По повеќе од 24-часовна битка за спас на селото Лознани, кое се наоѓа на границата меѓу општините Могила и Прилеп, ноќеска е локализиран големиот пожар што се закануваше да ги зафати и куќите. Командирот на Битолската противпожарна единица, Христијан Тодоровски, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека 85 проценти од пожарот е локализиран.

    „Спасувавме куќи, според податоците што ги имаме, нема штети по објекти но постоеше голема опасност да бидат зафатени од огнот. Ризично беше и тоа што околу куќите не беше исчистена тревата, што дополнително ја усложнуваше ситуацијата. Гореше сува трева, дуваше ветер и огнот брзо се ширеше“, рече Тодоровски.

    Битолската пожарна во гаснењето ја стави целата расположива сила, а се вклучија и тимови за брз одговор од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со 4 „пинцгауери“.

    „Во голема опасност беше селото Лознани, но благодарение на пожарникарите од Битола и локалните жители спречена е голема катастрофа. Постои опасност огнот од задната страна да загрози друго село“, рече директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.

    Пожарот во Лознани е само еден од 11 активни на отворено што вчера гореа на територијата на Македонија. Меѓу нив еден од најризичните во атарот на село Богомила во Општина Чашка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира