Британскиот парламент убедливо го одби предлогот на Борис Џонсон за предвремени избори на 12 декември, но тој најави дека ќе се обиде повторно.
Ова доаѓа истиот ден кога Европската Унија се согласи да го одложи брегзит до 31 јануари, со можност тоа да се случи и порано доколку британските пратеници го усвојат договорот на Џонсон. Тој најави донесување закон со кој за распишување нови избори ќе му треба просто мнозинство, место двотретинско, како сега.
„Парламентот е нефункционален и ја држи земјата во заложништво“, кажа Џонсон, додавајќи дека не сакал ново одложување на брегзит.
Велика Британија требаше да излезе од ЕУ в четврток, но Џонсон се согласи на ново одложување бидејќи пратениците одолговлекуваа со изгласувањето на неговиот договор. Тој и натаму инсистира на нови избори, велејќи дека „кога-тогаш мора да се излезе од овој ќорсокак“.