Бугарскиот парламент усвои законски измени за ставање на големата рафинерија на „Лукоил“ во Бургас под државна контрола по санкциите што САД ги воведоа за рускиот нафтен гигант.
Покрај „Лукоил“, Доналд Трамп воведе санкции и за „Роснефт“ поради одбивањето на Владимир Путин да ја заврши војната во Украина. „Лукоил“ ја поседува рафинеријата „Нефтохим“, која е најголема на Балканот, од 1999 година.
„Американските санкции, што ќе стапат во сила на 21 ноември, ќе доведат до прекин на работењето на рафинеријата поради одбивањето на сите договорни страни да вршат плаќања на компаниите што му припаѓаат на ‘Лукоил‘“, се вели во нацрт-законот предложен од владејачката коалиција.
Според законот, ќе се назначи посебен администратор за да ги остварува правата на глас на акционерите. Тој ќе може да продава акции на нов сопственик, што, според опозицијата, може да доведе до тужби.
Законот беше изгласан во забрзана постапка и доби поддршка од мнозинството пратеници.
Минатата недела, бугарските пратеници усвоија привремени ограничувања за извоз на нафтени производи, вклучително и во други членки на Европска Унија, за да не се наруши снабдувањето во земјата по американските санкции за руските енергенси.
Рафинеријата „Лукоил-Нефтохим“ има голема улога во бугарската економија и лани остварила промет од околу 4,7 милијарди евра.



