Бугарија веројатно ќе оди на предвремени парламентарни избори откако партијата ГЕРБ се повлече од преговорите за формирање нова влада, а Марија Габриел ја повлече својата номинација за нов премиер. Актуелната министерка за надворешни работи требаше да ја преземе владата на девет месеци откако Николај Денков поднесе оставка на 5 март.
Сепак, нејзината партија ГЕРБ денеска објави дека нема да учествува во преговорите, а потоа и Движењето за права и слободи соопшти дека не би ја поддржало новата влада.
„Готово е, по изборите ќе почнеме одново. Веќе не сакаме да учествуваме во разни игри и да придонесуваме за политичко пропаѓање на Бугарија“, изјави Деница Сачева од преговарачкиот тим на ГЕРБ.
ГЕРБ требаше да формира нова влада со Продолжуваме со промената (ПП), но кажа дека оттаму поставиле нови услови, што било неприфатливо.
На изборите кои се одржаа во април минатата година, петти за две години, ГЕРБ освои 69 пратенички места, следена од ПП со 64. Нивниот договор за промена на премиерот на секои девет месеци тогаш стави крај на долготрајната политичка криза во земјата.