Британскиот крал Чарлс звучел „како добитник на лотарија“ по смртта на неговата прва сопруга Дијана, пишува нејзиниот брат Чарлс Спенсер во неговата претстојна книга, од која нови извадоци беа објавени од „Дејли мејл“.
Спенсер вели дека тогашниот принц Чарлс бил „восхитен“ веднаш по смртта на Дијана во сообраќајна несреќа во 1997 година, веројатно затоа што сметал дека тоа значи дека е послободен повторно да се жени, според пасуси во „Дејли мејл“.
Чарлс во средата се реши на необичен чекор и одговори на критиките откако првите извадоци од книгата на Спенсер беа објавени во „Дејли мејл“, велејќи преку портпарол дека тагата може да влијае на разумот, проценката и меморијата.
Во најновите извадоци се наведува дека Дијана посетила место на јужниот брег на Велика Британија каде што се случиле многу самоубиства, но дека нејзината љубов кон синовите Вилијам и Хари „ја спречила да оди понатаму“.
„Тажен е фактот дека, во подоцнежните години, Дијана се возела повеќе од еднаш до Бичи Хед, највисоката карпа во Англија, додека размислувала да стави крај на сè“, напишал Спенсер.
Спенсер вели во книгата дека разговарал со Чарлс кратко откако била потврдена смртта на Дајана.
„За разлика од другите кои ми се јавуваа и беа запрепастени, едвај можеа да ги артикулираат своите сочувства и нудеа помош, тој звучеше зашеметено воодушевено, како добитник на лотарија, се сеќавам дека си го помислив тоа во тоа време. Гледајќи наназад сега, претпоставувам дека првата реакција на принцот била дека овој настан би можел да го ослободи да се ожени со жената што ја сакаше, наместо да ја цени загубата на онаа што не ја сакаше“, напишал Спенсер.
Чарлс и Дијана се разделија во 1992 и се разведоа во 1996 година. Една година порано, Дијана изјави за Би-Би-Си дека „во овој брак бевме тројца, па затоа беше малку гужва“, алудирајќи на неговата врска со Камила Паркер Боулс, со која се ожени во 2005 година.
„Иако од принцип не коментираме за книги, Неговото Височество е свесно дека болката од братската тага може да го замагли разумот, да влијае на проценката и да ја обои меморијата на начини што другите не ги препознаваат, дури и многу години по таква загуба“, изјави портпаролот на Бакингамската палата во средата.



