Два борбени авиона и два хеликоптера на руската војска вчера биле соборени близу украинската граница, објави рускиот весник „Комерсант“. Авионите „су-34“ и „су-35“ и хеликоптерите „ми-8“ биле во заедничка мисија кога речиси истовремено биле соборени во заседа во пограничниот руски регион Брјанск, објави весникот. Екипажите на сите четири летала загинале.
„Според првичните податоци, борбените авиони требало да изведат ракетен и бомбашки напад на цели во северниот украински регион Чернигов, а хеликоптерите биле во нивна придружба како испомош“, пишува весникот.
Државната новинска агенција ТАСС исто така пренесе за уривањето на авион „су-34“ и на еден руски воен хеликоптер во тој регион, без да ја наведе причината. Другите две летала не се спомнати.
Видео објавено на проруски канал на Телеграм покажува како хеликоптер експлодира високо на небото, по што паѓа на земја во пламен.
„Комерсант“ не понуди докази дека четирите летала биле соборени, но тврдења за дејствувањето на украинската противвоздушна одбрана имало на неколку проруски блогови.