Бројот на починати во пожарите околу Бурса во северозападна Турција порасна на четири, откако доцна синоќа загинале двајца доброволни пожарникари.
Тие починале во болница откако биле извлечени од цистерна за вода што се превртела додека одела кон шумски пожар. Уште еден работник починал претходно на самото место, а еден пожарникар починал откако доживеал срцев удар на должност.
Од крајот на јуни, во пожарите во Турција починале вкупно 17 луѓе.
Пожарот околу Бурса, четвртиот по големина град во земјата, избувнал викендов, при што се евакуирани повеќе од 3.500 луѓе.
Високите температури, сувите услови и силните ветрови помагаат во брзото ширење на огновите. Пожарот околу Бурса е еден од стотиците кои ја погодија Турција во изминатиот месец. Пожарникарите успеаја да спасат многу домови, но изгорена е огромна шумска површина.
Министерот за шумарство Ибрахим Јумакли кажа дека во Турција вчера имало 44 активни пожари. Владата прогласи состојба на катастрофа во делови од западните провинции Измир и Билечик. Во северната провинција Карабук пожарите траат веќе пет дена, при што се евакуирани речиси 2.000 луѓе од 19 села.
Во Грција, пожарникарите продолжуваат да се борат со огнот на пет големи фронта, меѓу кои и западно од Атина и на островите Евија и Крит. Ова се должи и на екстремната жештина, при што температурите во централна Грција вчера достигнале до 42,4 Целзиусови степени.