Откако се врати во Белата куќа, Доналд Трамп не престана да повторува дека Гренланд треба да биде американски. Данците сега му враќаат со петицијата со која се бара купување на Калифорнија од САД. Таа досега собра повеќе од 200.000 потписи.
„Знаете што ѝ треба на Данска? Повеќе сонце, палми и ролерки. Имаме шанса да го претвориме овој сон во реалност. Ајде да ја купиме Калифорнија од Доналд Трамп“, стои во петицијата.
Таа е проследена со слоганот „Да ја направиме Калифорнија повторно голема“, а наводните поддржувачи како тапанарот на „Металика“ Ларс Улрих и актерот Виго Мортенсен ги даваат своите причини зошто Калифорнија би требала да стане „Нова Данска“.
„Да ги донесеме данската благосостојба во Холивуд, велосипедски патеки во Беверли Хилс, органски смеребред на секој уличен агол, владеење на правото и универзална здравствена заштита. Да бидеме искрени, Трамп не е голем фан на Калифорнија и ја нарече најуништената сојузна држава на САД“, се наведува во петицијата.
Целта на сатиричната петиција е да собере 500.000 потписи и еден трилион долари.
Данските власти се децидни дека Гренланд не е на продажба, а премиерот на Гренланд Муте Егеде порача дека не сакаат да бидат Американци. И покрај тоа, обидите на Трамп да го купи Гренланд се доста сериозни и републиканскиот конгресмен од Џорџија Бади Картер предложи негово преименување во Земјата на Црвено, Бело и Сино.