Во Хрватска денеска е ден на жалост по вчерашниот напад со нож во основно училиште во Загреб, кога беше убиено седумгодишно дете. Во нападот се ранети уште тројца ученици и една наставничка, кои не се во животна опасност.
Полицијата веднаш кажа дека нападот го извршил 19-годишник, кој потоа се обидел да се самоубие со нож. Тој бил фатен откако си нанел повреди, поради што бил превезен во болница.
„Состојбата на сите повредени е стабилна. Најтешки повреди има наставничката, која е оперирана и се наоѓа на одделот за интензивна нега. Постојано сум во контакт со директорите и лекарите во болниците и ранетите се надвор од животна опасност“, изјави министерката за здравство Ирена Хрстиќ.
Началникот на загрепската полиција Марко Рашиќ изјави дека засега не може да се каже што е мотивот на нападот.
„Полицијата дојде многу брзо на местото на настанот и во соработка со граѓаните брзо го лоцираше напаѓачот, кој потоа беше уапсен. Никој немал никаква информација дека напаѓачот планира нешто. Полицијата разговараше и со неговите родители“, изјави Рашиќ.
Мајката на напаѓачот изјави за медиумите дека тој неколкупати бил на лекување на психијатрија и наспроти нејзините барања, лекарите не сакале да го задржат.