Никола Саркози стана првиот повоен француски претседател кој завршил зад решетки откако денеска почна да ја служи својата петгодишна затворска казна. Тој неодамна беше осуден за илегална шема на финансирање на својата кампања со пари од Либија и судот во Париз му нареди да оди во затвор пред да се решава за неговата жалба.
Саркози утрово го напушти својот дом во Париз, држејќи ја за рака сопругата Карла Бруни, а казната ќе ја служи во затворот од 19. век „Ла Санте“ во јужниот дел на градот. Тој кажа дека не сака да има никакви привилегии во затворот, но поради неговата безбедност ќе престојува во изолациска единица, каде што затворениците се сместени во единечни ќелии и се држат одвоени за време на активности на отворено.
Саркози продолжи да тврди дека е невин и дека случајот против него е политички мотивиран.
„Не се сомневам, вистината ќе победи. Но, прашање е колкава ќе биде цената. Со непоколеблива сила му кажувам на францускиот народ дека утрово не затвораат поранешен претседател, туку невин човек. Не жалете ме, затоа што мојата сопруга и моите деца се покрај мене, но утрово чувствувам длабока тага за Франција која е понижена од волја за одмазда“, кажа Саркози.
Филип Петен е последниот француски претседател кој завршил во затвор, откако во 1945 година беше осуден за предавство и за соработка со нацистите.
Саркози ќе престојува во ќелија од десетина квадратни метри со туш, ќе има пристап до телевизор за месечна сума од 14 евра и ќе може да се служи со фиксен телефон.
Саркози беше обвинет дека ги користел средствата добиени од Моамер Гадафи за да ја финансира својата изборна кампања во 2007. Во замена, Саркози ветил дека ќе му помогне на Гадафи да го подобри угледот на Либија кај западните земји. Тој одработи еден мандат како претседател на Франција, од 2007 до 2012.