Претседателот Володимир Зеленски изјави дека десет милиони Украинци се без струја по последните руски ракетни напади, во кои загинаа најмалку девет цивили, сите во градот Вилњанск близу Запорожје.
„Правиме сè што можеме за да го нормализираме снабдувањето. Најпогодени се регионите Одеса, Виница, Суми и Киев. Во некои места се воведени вонредни редукции на струјата“, кажа Зеленски, додавајќи дека украинската противвоздушна одбрана соборила шест крстосувачки ракети и пет дрона.
Русија вчера одново ја ракетираше енергетската инфраструктура на Украина, два дена по најжестоките бомбардирања досега. Меѓу клучните објекти кои беа погодени е и гасна централа во Днепар.
Киев вчера се разбуди со првиот снег, но вонредните исклучувања на струјата значат дека жителите немаат греење во своите домови.
За тоа време продолжуваат силните борби во регионот Доњецк, каде што Русија прераспределила дел од војската повлечена од Херсон. Украинската војска кажа дека Бахмут и соседниот град Соледар се изложени на најжестоките руски напади.